//
Вие читате...
Uncategorized

Младинските организации го поздравуваат повлекувањето на Предлог-законот за млади

Владата го повлече Предлог-законот за млади

English version of the text provided by Metamorphosis Foundation: Youth organizations welcome the withdrawal of the proposed Youth Law

45-те младински и граѓански организации ја поздравуваат одлуката на Владата на Република Македонија да го повлече Предлог-законот за млади, кој од експертската и пошироката јавност беше оценет како недемократски и ограничувачки за младите. Одлуката беше донесена доцна синоќа, на отворената седница на Владата на Република Македонија. Како што беше објавено на официјалните профили на Владата на фејсбук и твитер, Предлог-законот за млади се повлекува од собраниска процедура со цел да се направат пошироки консултации со младинските невладини организации. Одлуката на Владата беше донесена само половина ден после прес-конференцијата на младинските организации, одржана пред Собранието на Република Македонија.

Организациите кои поведоа иницијатива за одбрана на младинското учество и кои до Собранието на Република Македонија поднесоа предлози за измени и дополнувања на Предлог-законот сметаат дека повлекувањето на нацрт-текстот е корисно и е во вистински момент, пред да се направи поголема штета врз младинското организирање. Организациите потенцираат дека во процесот на креирање на законските решенија кој ќе следи во иднина мора да бидат директно вклучени сите младински чинители, вклучително и сите заинтересирани младински организации и подмладоците на политичките партии.

Иницијаторите им честитаат на трудот и посветеноста на сите 45 организации и ги повикуваат сите млади да се заинтересираат повеќе за младинските политики и младинското организирање на локално и државно нивно. 45-те организации ќе продолжат и понатаму активно да учествуваат во анализи и креирање ефективни решенија за младинските проблеми. Фокусот ќе биде насочен кон обезбедување услови за формирање Национален младински парламент,  како самоорганизирачко тело на сите форми на здружување на младите во Република Македонија, без разлика на нивната возраст, политичка ориентација, формално или неформално здружување, етничка, верска или друга припадност.

Доколку се усвоеше, постоечкиот предлог-закон ќе воведеше повеќе бирократија, контрола и ограничување во младинското организирање, а дополнителен преседан беше највисокото претставничко тело на младите во државата да биде Државен совет на млади, во кој повеќе од половина од членовите се претставници на министерствата на Владата на Република Македонија.

Процесот на застапување против предложените недемократски решенија беше проследен и со засилена младинска активност на интернет, преку упатување апели до носителите на одлуки и нивно тагирање на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер.