//
Вие читате...
Uncategorized

Пратениците да не ги игнорираат барањата за измени на Предлог-законот за млади

Иницијативата за одбрана на младинското учество, составена од 45 младински и граѓански организации, денеска пред Собранието на Република Македонија ги повика пратениците да не го одобруваат Предлог-законот за млади, пред истиот да претрпи коренити измени. Ваквата реакција доаѓа откако Собраниската комисија за образование, наука и спорт ненадејно за 2ри ноември закажа второ читање на нацрт-текстот, без да ја извести јавноста дали и какви измени ќе претрпи Предлог-законот.

Младинските организации апелираа до пратениците од власта и опозицијата да се издигнат над партиските интереси, да застанат на страната на младите и преку амандмански интервенции да ги прифатат предложените измени со кои законот ќе добие демократска форма, во согласност со препораките на Советот на Европа и Европскиот младински форум. 45-те организации, во период од 3 месеци, изработија полиси бриф и студија со забелешки на нацрт-законот и со насоки за негова измена, а подоцна до Собранието испратија и конкретни предлози за измени и дополнувања, во форма на коментари и пречистен текст. Поголем дел од предлозите на организациите беа поддржани на работните состаноци кои тие ги реализираа со партиските подмладоци на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА.

Младите најавија дека лошите законски решенија ги принудиле да стават во мирување дел од нивните активности и да се посветат на подобрување на нацрт-текстот, потенцирајќи дека нема да дозволат да се носат закони со кои се контролира и ограничува младинското организирање. Најавија дека доколку Собранието ги игнорира нивните ставови, ќе ги искористат сите демократски мерки да спречат носење на недемократски Закон за млади, а доколку е потребно ќе поведат и граѓанска иницијатива за собирање 10.000 потписи  за измена на законските решенија.

Клучните барања на младинските организации се во делот на младинското организирање на национално ниво, со што младинските организации ќе се дистанцираат од останатите здруженија, но без било какви пререгистрации или други административни, бирократски и финансиски бариери.

Националниот младински парламент е суштинската промена кои овие предлог измени ја воведуваат во нацрт текстот кој е предмет на јавна дискусија. Организациите предлагаат формирање на младинска чадор организација како самоорганизирачко тело на сите форми на здружување на младите во Република Македонија, без разлика на нивната возраст, политичка ориентација, формално или неформално здружување, етничка, верска или друга припадност. Предвидената структура овозможува младите да гласаат, да бидат гласани и директно и активно да учествуваат во процесите на донесување на одлука и со тоа да допринесат во општествениот развој.

Новина во предлозите на младинските организации е и Државната комисија за млади, коменаџмент тело кое ќе обезбеди континуиран и структуиран дијалог помеѓу Владата и младите. Во ова тело, покрај претставниците на Владата која директно ги назначува, има и претставници кои се директно назначени од страна на Националниот младински парламент и кои ќе ги претставуваат интересите и мислењата на сите млади во Република Македонија.

На Предлог-законот за млади реагираше и Европскиот младински форум (ЕМФ), најголемата чадор-организација на европско ниво, која своите ставови ги презентираше и пред пратениците на Собранието. ЕМФ смета дека предложениот закон е многу проблематичен за младинските организации во Македонија и дека не кореспондира со актите на Обединетите нации и Советот на Европа на кои Македонија е потписник. ЕМФ изразува загриженост околу преголемото мешање на државата  во младинските структури и на државно и на локално ниво и го повикува Собранието да не го усвојува законот во формата во која е предложен. ЕМФ предлага Собранието да отвори широка консултација со сите чинител за наоѓање решение кое ќе значи младинско организирање оставено на младите и раководено од младите.

Предлог-законот за млади беше изработен тајно и во нетранспрентна процедура, без консултација на младинските чинители, а експертската и пошироката јавност го оцени  како закон кој има големи амбиции и лоши механизми за реализација, за кој не се предвидени соодветни финансии и кој не ги препознава младите и нивните проблеми во Република Македонија. Постоечкиот предлог-закон ќе воведе повеќе бирократија, контрола и ограничување во младинското организирање, а дополнителен преседан е највисокото претставничко тело на младите во државата да биде Државен совет на млади, во кој повеќе од половина од членовите се претставници на министерствата на Владата на Република Македонија.

Со почит,
Иницијатива за одбрана на младинското учество, составена од 45 младински и граѓански организации.


Advertisements
%d bloggers like this: