//
Вие читате...
Uncategorized

Реактор истражување: Невработени млади

Истражувањето е спроведено од Реактор – истражување во акција на репрезентативен стратифициран примерок од 1.204 испитаници на возраст од 16 до 29 години. Истражувањето е базирано на прашалник развиен од страна на Меѓународната организација на трудот и има за цел да придонесе кон подобро разбирање на реалноста на транзицијата на младите од образованиот систем до пазарот на труд. Истражувањето ги разгледува различните искуства на младите луѓе според нивното (не)учество на пазарот за трудот и нуди нови податоци за младите што не учествуваат на пазарот на трудот, невработените и вработените млади, како и оние кои се обесхрабрени од учество во работната сила, а сепак би работеле доколку за тоа имаат можност. Исто така беше испитувана и запознаеноста на младите со активните политики за вработување што им се на располагање.

Клучните резултати од истражувањето

На македонскиот пазар на труд шансите за вработување на младите со завршено средно образование и завршено високо образование се мали и еднакви.

Според нашето истражување на возраст од 15 до 29 години неактивни се 56.3% (не работат и не бараат работа). Од нив 73% се неактивни поради тоа што се уште се наоѓаат во образовен процес, а останите најчесто се неактивни поради домашни обрски вклучувајќи чување деца.

Од останатите 43.7% активно население, 41.8% работат, што значи дека стапката на невработеност според нашето истражување е 58.2%. Овие бројки се многу поблиски до проценките на Меѓународната организација за труд, отколку од официјалните државни статистики за невработеноста на младите во Македонија.

Само една петина од моментално вработените млади нашле работа веднаш по завршувањето на своето образование, а речиси една третина барале работа повеќе од една година пред да се вработат.

Доколку се земат предвид возраста, полот, етничката припадност, бројот на деца, социјалните контакти и местото на живеење на испитаниците, факултетската димплома не ги зголемува шансите за вработување (во споредба со средношколската диплома) на младите. Единствени предвесници за вработување се возраста и бројот на вработени блиски роднини на испитаникот. Овој податок се потврдува и со фактот што 37% од оние малкумина млади што нашле вработување, тоа го сториле преку роднини и пријатели.

Тоа што возраста е значаен индикатор за вработување ако се земат предвид образованието и останатите (гореспоментати) демографските варијабли, докажува директна дискриминација на младите на пазарот на труд.

Повеќето и од оние млади кои работат (помалку од една петина од младите), спаѓаат во ранливата категорија на вработени, а сиромашни млади. 15% од нив се уште не постигнале финансиска независност, третина работат без или само со усен договор, а речиси половина се надеваат да го сменат работното место во иднина. 30% од нив стравуваат за своите работни места, односно не се сигруни дека можат да ја задржат работата во наредната година, а 75% не веруваат дека лесно би нашле друга работа доколку бараат.

Од оние кои ниту се во образовен процес, ниту работат, повеќе од две третини, или 67.7% активно се обидуваат да го решат ова прашање, т.е. бараат работа или пак се обидуваат да започнат сопствен бизнис. Дури 53.3% активно бараат работа повеќе од една година  и спаѓаат во ранливата категорија на долготрајно невработени. На долготрајно невработените млади луѓе, научната литература им предвидува тешкотии во наоѓањето работа особено пристојна работа, помали примања во иднина, па дури и здравствени и социјани проблеми.

Oчекувањата за заработка на овие млади луѓе се пониски од просечната плата, па во просек најниска плата под која не би прифатиле работа е 10.724 денари. Повеќе од половина или 52.6% од невработените млади сметаат дека главна пречка за наоѓање работа е тоа што нема доволно слободни работни места. Како втора најчеста причина се јавуваат дискриминаторските практики со 13.2%, а како трета со 10.5% ги бирале ниските плати за работните места што им се на располагање.

Активните мерки за вработување не стигаат до оние за кои што се наменети. Дури 82.5% од невработените млади (кои активно бараат работа) се изјасниле дека од агенцијата за вработување не добиле никаква помош или совет при барањето работа. Само една третина, или 33.3% од невработените се запознаени со активните мерки за вработување на младите што ги спроведува владата на Република Македонија преку агенциите за вработување. Од вработените млади, пред вработувањето како невработени во агенцијата за вработување биле пријавени 68% (за потсетување 20% од нив нашле работа веднаш по завршувањето на образованието и намало потреба да бидат пријавени). Дури 91.1%  од нив се изјасниле дека од агенцијата не добиле никаква помош или совет при вработувањето. Само една четвртина, или 24.9% од вработените млади се запознаени со активните мерки за вработување на младите што ги спроведува владата на Република Македонија преку агенциите за вработување, а ниту еден од испитаниците не е вработен преку овие програми.

Официјални податоци за невработеноста кај младите: Во Република Македонија живеат речиси половина милион (483.448) млади луѓе на возраст од 15 до 29 години и сочинуваат 23.4% од вкупното население во државата. Од нив, повеќе од половина (51%) не учествуваат на пазарот на труд (најчесто заради поради образование и спаѓаат во неактивно население).

Стапката на невработеност кај младите (која ја сочинуваат само оние кои активно бараат работа) на оваа возраст е 45.8%.

Advertisements
%d bloggers like this: