//
Вие читате...
Uncategorized

Куманово: Младите се прашуваат што ќе ги мотивира да станат активни граѓани

На вчерашната јавна дебата во Куманово, на која присуствуваа осумдесетина  млади се дискутираше отворено за проблемите со кои се соочуваат младите во оваа општина. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, во Куманово живеат 25.106 млади лица на возраст од 15 до 29 години, од кои како невработени се водат 24.9%. Најзагрозена возрасна група меѓу младите се оние на возраст од 25 до 29 години, кај кои невработени се 2.809, што е една третина од вкупниот број на млади на таа возраст.

Голем дел од дискусијата се фокусираше и на фактот дека младите стануваат апатични што кореспондира со резултатите од истражувањето според кои дури 62.8% никогаш не работеле на решавање на локален проблем, а само 15.5% работеле на решавање на проблем во нивниот град во последните 12 месеци. Овој податок не зачудува, ако се земе во предвид ставот дека повеќе од половина од младите сметаат дека немаат лична одговорност да го подобрат општеството во кое живеат.

Две третини од средношколците (68.4%) сметаат дека локалните избрани функционери не се грижат (воопшто или малку) за младите и нивните потреби, а слични се бројките и кога станува збор за колку им веруваат на локалните власти дека работат за доброто на градот, каде што резултатите покажуваат дека 71.2% не им веруваат или малку им веруваат. Од тие причини јасно е зошто особено голем број коментари на денешната дискусија беа во насока на комуникацијата помеѓу локалните власти и младите, која според младите кумановци речиси и не постои. Тие сметаат дека локалните власти речиси воопшто не се грижат за работи кои младите ги сметаат за приоритетни.

Голем дел од дискусијата се фокусираше и на недовербата на младите и во институциите и во невладините организации, како и на големото ниво на незаинтересираност. Дел од младите се сложија со тоа дека постои апатичност помеѓу младите, но дел од нив не сакаа да ја прифатат таквата генерализација, истакнувајќи дека сепак постојат млади кои активно работат на промоција на младински прашања. Неколку пати младите упатуваа и прашања до присутните што е тоа што ќе ги мотивира младите да се вклучат и да станат погласни и поактивни граѓани. На ова, никој од присутните не можеше да даде целосен одговор, на што организаторите се обврзаа да продолжат да организираат вакви средби за дискусија помеѓу младите, кои ќе резултираат со нивно зголемено учество во адресирање на проблемите поврзани со млади.

Дебатата во Куманово е дел од циклусот дебати кои се реализираат во 18 града во целата држава, наречен Република Млади.

Advertisements

Дискусија

Trackbacks/Pingbacks

  1. Пингување: РЕПУБЛИКА МЛАДИ « Во одбрана на учеството - Јуни 4, 2012

%d bloggers like this: