//
Вие читате...
Uncategorized

Снегот не ги спречи младите од Велес да побараат поинтензивен дијалог со властите

Република Млади во Велес

Непроменетата состојба на застапеност на младите во процентот на вработеност во последните 4 години укажува дека мерките што се преземаат за намалување на невработеноста не одговараат на потребите на младите. Младите во Велес сочинуваат една четвртина од вкупниот број на невработени. Овие заклучоци доаѓаат од истражувањето кое денес во Велес го презентираше Иницијативата за одбрана на младинското учество, во рамките на циклусот од 18 јавни дебати низ целата држава наречен Република Млади.

Проблемот со невработеноста кај младите во општина Велес е акутен, што најдобро се гледа во желбата на 81.5% од велешката младина да го напушти градот. Училиштата не ги поттикнуваат младите да размислуваат за младинските проблеми и не ги подготвуваат за активно граѓанство, судејќи според фактот дека 61.5% немаат предмет на училиште кој од нив бара да следат дневно-политички настани.

Александар, еден од 80те присутни средношколци на трибината смета дека „Mладите во Велес не ја сфаќаат сериозноста на многу од проблемите и се зависни од своите родители, односно би почекале тие да ги решат проблемите наместо самите да се ангажираат“.

Поразително е што половина од средношколците во Велес никогаш не работеле на решавање на локален проблем и сметаат дека немаат лична одговорност да го подобрат општеството. Дури три четвртини од средношколците во Велес сметаат дека не можат да имаат или можат да имаат мало влијание врз работата на властите.

„Општина Велес води грижа за создавање на подобри услови за младите, за што сведочи и Локалната младинска стратегија во чија изработка се вклучени и младите“, изјави заменик-градоначалникот на Општина Велес Петре Саздов. Горан Здравковски, претседател на Комисијата за спорт и млади во Општина Велес се приклучи на дебатата изјавувајќи дека младинската вклученост во Велес може да се види и по тоа што 1/3 од членовите на советот се млади.

На трибината се постави и прашањето околу формирањето на младински парламент, во кој младите ќе имаат доверба, како еден од начините за надминување на јазот во комуникацијата меѓу институциите и младите. Младинскиот парламент е замислен како највисоко претставничко тело на младите чија структура ќе овозможи учество на сите млади и ќе креира простор за дискусија и решавање на младинските прашања во земјата.

Сепак, присутните млади на трибината посочија дека нема доволно младинско организирање и дека гласот на младите недоволно се слуша во општеството.

Трибината која се одржа денес претставуваше можност да се слушнат мислењата на младите од Велес за проблемите со кои се соочуваат, но и за нивните идеи за унапредување на состојбата на младите во Велес и во Македонија.

Advertisements
%d bloggers like this: