//
Вие читате...
Uncategorized

Како би изгледал Младинскиот парламент?

ОСНОВИ ЗА ФОРМИРАЊЕ  НАЦИОНАЛЕН МЛАДИНСКИ ПАРЛАМЕНТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Што е Национален младински парламент?
Национален младински парламент е чадор организација и највисокото преставничко тело на младите во Република Македонија. Тоа е тело кое е признаено од државата како репрезент на ставовите и одлуките на младите во државата и тело кое ја претставува Република Македонија во меѓународните чадор младински организации.

Како се формира Национален младински парламент?
Националниот младински парламент се основа од најмалку 50 регистрирани здруженија,  кои имаат седишта во единиците на локалната самоуправа од сите шест изборни единици и најмалку  една година спроведуваат младински активности  или активности насочени кон младите. Основачите на Националниот младински парламент имаат вкупно најмалку 1500 индивидуални членови, од кои најмалку две третини се млади.
Верификација на статусот на Националниот младински парламент ја утврдува органот на државната управа надлежен за водење на работите од областа на младите и спортот (Агенцијата за млади и спорт).

Кој може да членува во Националниот младински парламент?
Бројот на членови во Националниот младински парламент не може да биде ограничен и во него можат да членуваат сите форми на младинско здружување и организирање, вклучително претставници на средношколците, студентите, подмладоците на политичките партии, здруженија на млади, здруженија за млади и неформални групи на млади.
Здружение на млади претставува доброволно организирање на група на млади во согласност со Законот за здруженија и фондации, во која најмалку две третини од членовите се млади.
Здружение за млади претставува организација регистрирана во согласност со Законот за здруженија и фондации која работи во согласност со тој закон, а чии цели и активности се насочени кон младите и кои со својата работа придонесуваат за подобрување на статусот на младите на локално и/или државно ниво.

Што работи Националниот младински парламент?
Членувањето и начинот на одлучување и работа во  Националниот младински парламент се утврдува со неговиот Статут. Со Статутот задолжително се уредува начинот на членување и претставување на малолетните членови и на неформалните групи на млади. Во органите на одлучување на  Националниот младински парламент задолжително се почитува родовата еднаквост и соодветнатата и правична застапеност на сите заедници.

Националниот младински парламент во делокругот на своите работи:

  • донесува Деловник за својата работа;
  • донесува годишна Програма за работа;
  • донесува акционен и финансиски план за спроведување на програмата;
  • учествува во процесот на креирање на Националната младинска стратегија што ја донесува Собранието на Република Македонија на предлог на Владата на Република Македонија;
  • учествува во имплементацијата и евалуацијата на Националната младинска стратегија;
  • иницира истражувања и студии за проблемите на младите;
  • дава иницијативи за подобрување на законските решенија и мислења по предлози на закони  од  значење за младите и нивните интереси;
  • покренува  иницијативи  за  пошироко  запознавање  на  граѓаните  со  потребите и проблемите на младите и се грижи за навремено информирање на младите за прашања од нивен интерес;
  • соработува со меѓународни младински организации и тела;
  • свикува годишен собир на кој ги повикува сите совети на млади на општините, на општините во градот Скопје и на градот Скопје;
  • Работата на Националниот младински парламент е јавна. Националниот младински парламент е должен најмалку еднаш годишно да објавува извештај за својата работа.

Државна комисија за млади
Заради остварување на континуиран и структуиран дијалог помеѓу Владата на Република Македонија и младите се основа Државна комисија за млади. Државната комисија за млади е советодавно тело на Владата кое ги поттикнува и ускладува активностите во врска со развојот, остварувањето, спроведувањето и евалуацијата на младинската политика и предлага мерки за нејзино унапредување.
Државната комисија за млади ја формира Владата, на предлог на министерствата, во согласност со прописите кои ја уредуваат работата на државните органи.
Државната комисија за млади е сочинета од претставници на органите на државната управа во чиј делокруг на работа се области од интерес за младите.
Една  половина од членовите на Државната комисија за млади  е составен од претставници на младите назначени  од Националниот младински парламент.
При изборот на членови на Државната комисија за млади  се води грижа за родовата еднаквост и соодветна и правична застапеност на сите заедници.

Државната комисија за млади во рамките на својот делокруг:

  • континуирано соработува со Националниот младински парламент и се грижи за негов пристап до информации во врска со младите и од интерес на младите;
  • континуирано соработува со локалните младински совети и прибира мислења од нив за прашања од интерес за младите;
  • ги координира активностите за спроведување на Националната младинска стратегија;
  • Дава мислење за предлог Националната младинска стратегија;
  • Води грижа за консултирање на младите од страна на државните органи кога решаваат за прашања или проблеми од интерес на младите и се залага за унапредување на континуиран дијалог на државните органи со младите;
  • Дава насоки за унапредување на податоците кои се прибираат од страна на државните органи за младите или од интерес за младите;
  • Врши други активности од интерес за младите.

Advertisements
%d bloggers like this: