//
Вие читате...
Uncategorized

Република Млади во Кичево: Да го отстраниме јазот меѓу младите и институциите

Институциите ретко се чувствуваат обврзани да го почитуваат „правото на учество“ на младите, а младите не сметаат дека учеството е нивна граѓанска одговорност. Вакви заклучоци доаѓаат од истражувањата кои денес, 2ри февруари, на јавна дебата во Кичево ги презентираше Иницијативата за одбрана на младинското учество, во рамките на циклусот од 18 јавни дебати низ целата држава, наречен Република Млади.

Резултатите од истражувањата говорат дека 80% од средношколците во Кичево разговараат со родителите за проблемите во нивниот град, но ваквата интеракција не е случај во рамките на училиштата. Така, 42.4% од младите кичевчани не учествувале во ниту една активност на училиште (писмо до институција, одржал/а говор, учествувал/а во дебата, посетиле државна или општинска институција), а останатите 48.5% само една активност. Три четвртини немаат предмет на училиште кој од нив бара да следат дневно-политички настани, па не зачудува што две третини никогаш или ретко пратат новости на тема политика.

Поразително е што 55.2% од младите во Кичево сметаат дека немаат лична одговорност да го подобрат општеството, а 68.5% сметаат дека локалните избрани функционери не се грижат или малку се грижат за младите и нивните потреби. Само една петина од младите работеле на решавање на проблем во нивниот град во последните 12 месеци. Надоврзувајќи се на ова Валдете Адили психолог во ОСУ Дрита Кичево изјави „Сите инстанци што се инволвирани во едукацијата и образованието на младите, било на тој формален или неформален начин, треба да го поттикнуваат кај младите активниот пристап до општеството, зголемувајќи ја на ваков начин самодовербата и нивната одговорност“.

Во рамките на дискусијата беа презентирани идеи за можни решенија кои ќе го намалат јазот кој постои меѓу младите и институциите на системот.

Националниот младински парламент беше претставен како тело кое може да обезбеди окрупнување на младинскиот сектор, зголемување на самодовербата кај младите, но и на нивниот кредибилитет пред институциите.

Младинскиот парламент треба да биде највисоко претставничко тело на младите во државата кое ќе ги застапува нивните интереси во процесите на одлучување на национално ниво. Неговата структура треба да овозможи учество на сите млади без разлика на нивната возраст, политичка ориентација, формално или неформално здружување, етничка, верска или друга припадност.

Во Кичево живеат 7.557 млади луѓе на возраст меѓу 15 и 29 години и сочинуваат една четвртина од вкупното население во општината. Младите на оваа возраст учествуваат со 30% во вкупното работоспособно население во оштината. Според податоците со кои располага општината, 33% од вкупниот број на пријавени невработени се млади лица.

Advertisements
%d bloggers like this: