//
Вие читате...
Uncategorized

Две недели по првата собраниска расправа: Се зголемува бројот на поддржувачи на иницијативата

Иницијативата за одбрана на учеството на младите во носењето одлуки на државно и локално ниво добива нови поддржувачи. Кон реакциите на Предлог-законот за млади се приклучија и НВО УФУК, Здружението на млади пожарникари волонтери “Сфера” – Битола, АИЕСЕК – Македонија и Асоцијација за Демократски Развој на Ромите „Сонце“ – Тетово, со што бројката на поддржувачи на иницијативата се зголеми на 39.

Идејата за донесување на закон за млади коалицијата од 39 организации ја оценува за позитивна поздравувајќи ги напорите вложени во решавање на ситуацијата со младинското организирање. Меѓутоа,  во изминативе два месеци активно се укажуваше и на недостатоците во предложениот текст на законот кој не води кон решавање на клучните проблеми со младите примарно поврзани со: недоволното учество на младите во процесите на донесување одлуки и соработка со институциите; монополизираноста на младинското организирање; и соодветно информирање на младиот човек.

Во рамките на иницијативата  беше испратен и полиси бриф и студија до сите релевантни индивидуи и институции во Македонија, одржана прес конференција за медиуми на оваа тема и  укажано на потребата од јавна расправа за текстот на законот пред истиот да биде усвоен од Собранието на РМ. Засега ставот на организациите претставници на младите го ужива неопходното внимание од јавноста, прашањата покренати за транспарентноста на структурите предложени со законот, нивната фукционалност и вистинската вклученост на младите беа тема на дискусија на првата собраниска расправа и искрено се надеваме дека ваквата конструктивност од страна на пратениците во Собранието ќе резултира со покана на младинските организации на јавната расправа за предлог – законот.

Во меѓувреме, Младински образовен форум и организациите поддржувачи на 15ти септември (четврток) 2011  година организираат јавна трибина „Закон за млади – младинско и граѓанско учество за обезбедување демократски законски решенија” во ЕУ Инфо центар во 12 часот. На трибината учество очекуваме да земат невладини организации, претставници од партиските подмладоци на политичките партии, пратеници – претставници на најголемите политички партии итн.  Сите заинтересирани граѓани ќе можат да учествуваат во трибината со свои коментари за текстот на законот.

Advertisements

Дискусија

Коментарите се затворени.

%d bloggers like this: