//
Вие читате...
Featured, Uncategorized

35 организации реагираат на Предлог-законот за млади

Во одбрана на учеството
Почитувани,

Денес, на Меѓународниот ден на млади (12ти август), на иницијатива на 35 младински и граѓански организации од Република Македонија, до сите претеници, градоначалници и претседатели на совети на општините беше доставена реакција по повод Предлог-законот за млади кој е во собраниска процедура.

Идејата за донесување на ваков закон ја ценуваме за позитивна, знаејќи дека од осамостојувањето на Република Македонија младинските прашања и младинското организирање се оставени на маргините на стратегиите на сите досегашни влади. Затоа, добро е што прашањето на младинското учество го добива заслуженото внимание. Сепак, загрижени сме околу сериозните слабости во предложениот Закон за млади, како и околу непостоењето вистинско учество на младите во неговото донесување. За нас е од големо значење законот што на крајот ќе се донесе да биде конзистентен со европските стандарди во оваа област. Верзијата на Предлог-законот, којашто неодамна беше доставена до Собранието за жал, значително заостанува зад овие стандарди. Поради сево ова, подолу наведуваме дел од нашите наоди и забелешки за кои сметаме дека треба да се укаже на предлагачот.

1. Предлог-законот за млади е изработен во нетранспарентна процедура, без јавна дебата и без вклученост на повеќето младински организации во процесот. Процесот, инициран од Агенцијата замлади и спорт, се случуваше зад затворени врати во министерствата, со селективен пристап и без да им се даде можност на младинските организации да го пренесат ставот на младите и да предложат мерки кои ќе ја подобрат позицијата на младите во општеството. Поради тоа, Собранието мора да се обврзе дека ќе го гарантира учеството на младите (без разлика дали се дел од некои организации или не) во понатамошната постапка на подобрување на нацрт-текстот.

2. Законот не предвидува соодветни буџетските импликации. Проценките предвидени со Предлог-законот (100.000 денари годишно) не се доволни ниту реални и не може да се очекува значајно подобрување на положбата на младите во општеството, а со тоа и исполнување на целите од Предлог-законот. Вака дефинираните средства ја покажуваат само декларативната заложба на институциите за младите.

3. Целите на Предлог-законот се високо поставени, а не се предвидуваат ефикасни механизми за нивно остварување. Законските решенија никаде на предвидуваат дека локалните младински совети и/или државниот младински совет ќе се занимаваат со спроведување младински политики, а уште помалку со креирање младински политики. Имаме впечаток дека младинските совети кои се предвидуваат со овој предлог-закон повеќе би служеле како декор и алиби за политиките на општините и Владата, наместо за креирање и спроведување младински политики. Дополнително во целите на самиот закон недостасуваат низа на важни компоненти посветени на личниот развој на индивидуата, економскиот поттик и самостојност и социјалната вклученост на младите.

4. Постојат низа недоречености во регулирањето и дефинирањето на младинските организации и се предвидуваат непотребни процедури и недостижни критериуми за нивна регистрација. Во таа смисла, не се наведени јасни критериуми според кои се дефинира една младинска организација. Дополнително, нејасните законски одредби, исклучуваат одредени категории на организации и оставаат простор за нееднаква и селективна примена при регистрацијата.

5. Предлог-законот не гарантира учество на младите во одлучувањето на локално и државно ниво. Напротив одредбите укажуваат на интенција за целосна државна контрола над ова тело. Така, се предвидува најголем број на членови да именува Владата. Дополнително, предлог-законот не ја гарантира транспарентноста во работењето на советите, што говори за можностите за партиски и друг вид манипулации со овие тела на локално и централно ниво. Сево ова е во спротивност со сите Препораки на Советот на Европа, Стратегија за млади на ЕУ (2010-2018) и Белата книга за млади. Наместо сегашните понудени решенија, предлагаме Владата да формира мешани тела во кои ќе учествуваат и младите и кои ќе бидат од советодавен карактер, но во никој случај тоа не може да биде Државниот совет за млади, каде треба младите сами да се организираат на начин кој најмногу им одговара и во кој право на учество ќе имаат сите млади и единствено претставници директно избрани од страна на младите.

За крај, вака поставениот нацрт текст на законот за млади сметаме дека не води кон решавање на клучните проблеми со младите примарно поврзани со: недоволното учество на младите во процесите на донесување одлуки и соработка со институциите; монополизираноста на младинското организирање; и соодветно информирање на младиот човек.

35-те организации, иницијатори и поддржувачи на оваа реакција ќе достават писмени анализи на сериозните недостатоци во предложениот Закон за млади и ќе сугерираат политики и пракси за подобрување на законските решенија. Квалитетен Закон за млади е возможен исклучиво доколку е изработен низ консултативен процес, со директно учество на младите и младинските организации.

Advertisements

Дискусија

Коментарите се затворени.

%d bloggers like this: